ЛОКВЕНЕЦ: ОБЕДИНЕТА ЕВРОПА ЗНАЧИ ПОСИЛНА ЕВРОПА

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност; Емил Димитриев и Емилија Александрова, членови на Комисијата за одбрана и безбедност и Комисијата за надворешна политика; Џеват Адеми, член на Комисијата за одбрана и безбедност и Крсто Мукоски, од 2 до 4 март 2020 г., во Загреб, Република Хрватска, учествуваше на Интерпарламентарната конференција за заедничката надворешна и безбедносна политика и заедничката безбедносна и одбранбена политика.

На Интерпарламентарната конференција зедоа учество претставници од Европскиот парламент, Европската комисија и од повеќе национални парламенти, како и експерти од областа на надворешната политика и одбраната, професори и медиуми. Се дискутираше за значајни и актуелни прашања, како глобалните предизвици на ЕУ, европската перспектива на земјите од Западен Балкан и јакнењето на европската одбранбена соработка и индустрија.

На отворањето на Конференцијата, свои обракања имаа: Гордан Јандроковиќ, претседател на Парламентот на Хрватска; Миро Ковач, претседател на Комисијата за надворешни прашања на Парламентот на Хрватска; Игор Драгован, претседател на Комисијата за одбрана на Парламентот на Хрватска и Дејвид Мекалистер, претседател на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

Во однос на сесијата посветена на веродостојната европска перспектива за земјите од Западен Балкан, свое излагање имаа: Тонино Пицула и Жељана Зовко, членови на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент и Хеновева Руиз-Калавера, директорка на Генералниот директорат за европска соседска политика и преговори за проширување за земјите од Западен Балкан во Европската комисија.

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Хари Локвенец, во своето излагање, најпрво ги поздрави присутните и се заблагодари за честа и можноста за учество на оваа конференција. Истакна дека Република Северна Македонија во изминативе две и пол години се соочи со многу предизвици, донесе тешки, но храбри одлуки, ги затвори сите отворени прашања со соседите. Во продолжение нагласи дека за кусо време, како држава, постигнавме многу, водени од мислата дека само на тој начин можеме да изградиме стабилна и просперитетна држава. Дополнителен мотив, рече Локвенец, беше и надежта дека со реалниот напредок што го прикажавме и со решавањето на овие клучни прашања, ќе го трасираме патот кон европското семејство. Тој истакна дека добивањето датум за преговори со ЕУ за нас ќе биде силен поттик за продолжување со уште побрзо темпо во спроведувањето на реформите во сите области и во имплементирањето на европските вредности. Според Локвенец, преговорите за членство во Унијата се најдобриот механизам за усвојување на европските стандарди, а употребата на современиот државен модел, е клучна за нашиот внатрешен напредок, насочена кон обезбедување подобар квалитет на живот за нашите граѓани. Укажа дека пристапувањето во ЕУ е единствената одржлива и сериозна стратешка опција за земјите од Западен Балкан.

Како претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, но и како човек, Локвенец е уверен дека европските лидери ќе ја исправат, како што и самите кажаа – „историската грешка”, и ќе донесат одлука што за нашата држава ќе значи и признание за сработеното, но и мотив со силни чекори да се продолжи напред. Тој спомена дека новата Методологија за проширување, којашто ја претстави еврокомесарот Оливер Вархељ, обезбедува вистински и предвидливи критериуми кои се потребни на државите од Западен Балкан. Таа дава поголема политичка димензија на процесот, но и поголема динамичност, предвидливост и кредибилитет.

На крајот, Локвенец истакна дека е цврсто убеден дека проширувањето на ЕУ ќе биде корисно за Западен Балкан, но и за нејзините земји членки. „Обединета Европа, значи посилна Европа“ – заклучи Локвенец. Исто така, потенцираше дека ние, и како држава, но и како Парламент, сме отворени за соработка, дека европското искуство за нас е непроценливо и дека отворено бараме поддршка и помош низ целиот овој процес.

Учесниците на Интерпарламентарната конференција имаа можност да остварат и работен ручек со Дејвид Мекалистер, Жељана Зовко и Хеновева Руиз-Калавера, на кој се разговараше за моменталната безбедносна и политичка состојба во нашата земја, како и за активностите и предизвиците кои нѐ очекуваат во наредниот период, во поглед на парламентарните избори, соработката со соседните земји, НАТО и ЕУ.

Преземено од Собрание.мк.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *