РАБОТНА СРЕДБА НА ПРАТЕНИЦИ ЗА ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ИСКУСТВА ОД САД

Потпретседателот на Собранието на Северна Македонија, Горан Мисовски; претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби и претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Лилјана Кузмановска, во соработка со Меѓународниот републикански институт (ИРИ), денеска одржаа работна средба на пратеници за пренесување на искуства од САД за законодавни инструменти за борба против корупцијата, транспарентноста и етиката на избрани и именувани лица на централно и локално ниво.

На работната средба пратениците пренесоа искуства од студиското патување кое се одржа во Соединетите Американски Држави во септември 2019 година. Ваков вид на работна средба на којашто пратениците пренесуваат искуство и знаење стекнати за време не студиски престој на други пратеници и стручната служба за прв пат се организира во Собранието на Република Северна Македонија.

Потпретседателот Горан Мисовски укажа дека преку оваа посета биле остварени средби на кои била споделена експертиза и норми на функционирање на Стејт Департментот на САД, Департментот за трезор, конгресмени од Претставничкиот дом на САД, претставници од Конгресот на државата Индијанаполис, при што сите избрани и именувани функционери нагласувале дека нивната служба ја вршат во интерес на САД. Тој, исто така, напомена дека при посетата тие споделиле дека неодамна Собранието на Република Северна Македонија донесе Етички кодекс.

Илина Мангова, заменик-директорка на ИРИ, наведе дека оваа студиската посета ИРИ ја организирал заедно со Институтот за репрезентативно владеење со финансиска поддршка на Стејт Департментот, а во неа, покрај пратеници од Северна Македонија,  учествуваа и пратеници од Албанија, Србија и Романија. Таа ја поздрави подготвеноста на пратениците да организираат последователна средба на која ги споделуваaт искуствата и стекнатите знаења со своите колеги и со стручната служба и ги повика пратениците ваквите средби за пренесување на искуства да станат редовна пракса во Собранието.

Пратеничката Лилјана Кузмановска нагласи дека најголем впечаток од средбите со избраните претставници на различни нивоа ѝ оставил стремежот за постигнување консензус при донесување одлуки во интерес на државата. Таа нагласи дека тие напоменувале дека се обидуваат да ја донесат одлуката која е најдобра за државата, а не приоретизирајќи ја тука партијата. Кузмановска, исто така, укажа дека соговорниците укажувале дека честа мерка за справување со случаи на корупција е замрзнување на имот стекнат од корупција.

Пратеникот Артан Груби укажа дека преку ова искуство научиле дека во САД корупција како збор не постои, односно ги користат зборовите кои се манифестација на корупцијата, односно измама, злоупотреба и расипништво (fraud, abuse, waste). Тој нагласи дека со измамата, злоупотребата и расипништвото, тие се справуваат преку транспарентност и интегритет. Порача да се разгледаат материјалите од студиската посета кои се споделени за време на работната средба и добрите практики да се инкорпорираат и во Северна Македонија. Груби истакна дека преку алатката „Отворени финансии“ која ја поддржа ИРИ, сега и во Северна Македонија е овозможена целосна транспарентност во трошењето на буџетските средства.

Марија Саздевски-Вангеловски, менаџерка на програма во ИРИ, која исто така учествуваше во студиската посета, кажа дека клучната порака што треба да се пренесе е дека борбата против корупцијата значи интегритет, етика, транспарентност и отчетност, како основни фактори преку кои се воспоставува доверба на граѓаните дека институциите и секој избран и именуван функционер во Америка ги носат одлуките кои се во интерес на јавното добро. Таа нагласи дека на стандардите за етика и однесување треба континуирано да се работи, соодветно да се ревидираат и дополнуваат во согласност со потребите и новонастанати ситуации, а сѐ со цел да се подобрува довербата во институцијата. Саздевски ги повика пратениците во новиот состав на Собранието да поттикнат формирање работната група за реформа на етика, да идентификуваат можности за зајакнување на Етичкиот кодекс и да воспостават посебна професионална служба во рамките на Собранието за поддршка на спроведување на Кодексот, а по угледот на Комисија за стандарди на службено однесување на Претставничкиот дом која својата работа ја потпира на персоналот којшто е непартиски, професионален и достапен како ресурс за сите членови на Комисијата.

Како дел од работната средба, Меѓународниот републикански институт сподели преводи на македонски и на албански јазик на следниве материјали од САД:

  • Прирачник за етика на Претставничкиот дом подготвен од Комисијата за стандарди на службено однесување на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави;
  • Правила на претставничкиот дом – 116. Конгрес, подготвени од Комисијата за етика на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави;
  • Етички кодекс на Градот Индијанаполис и Регионот Мерион.

Преземено од Собрание.мк.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *