РАБОТНА СРЕДБА НА КЛУБОТ НА ПРАТЕНИЧКИ ЗА РОДОВО ОДГОВОРНО КРЕИРАЊЕ НА ПОЛИТИКИ И БУЏЕТИРАЊЕ

Клубот на пратенички, во соработка со UN Women и Министерството за труд и социјална политика, одржа трета тематска работна средба под наслов „Родово одговорно креирање на политики и буџети“.

Оваа средба е дел од серијата работилници со цел да се дискутираат  теми од важност за унапредување на родовата еднаквост, како и да се дефинираат стрaтeшките цели и визијата на Клубот за прашања кои се од клучно значење кога станува збор за улогата и статусот на жената во нашето општество.

На работната средба, клучен акцент беше ставен на родово одговорното буџетирање како пристап или алатка која на членовите на Парламентот може да им послужи за да повикаат на зголемена транспарентност на буџетските одлуки, како и отчетност кон заложбите за родова еднаквост. Toa ги надополнува сите напори и заложби за да се постигне родова еднаквост, со тоа што го насочува вниманието кон еднаквоста во алоцирањето на јавните финансии.

„Фактот дека родовото одговорно буџетирање е една од важните алатки во трансформација на општеството, која има за цел да одговори на потребите на различните групи, влијателно го импонираше дефинирањето на стратешките области и соодветни цели од кои произлегуваат активностите, временската рамка и одговрните институции за имплементација на истото. Со родово одговорното буџетирање станува видлив придонесот на жените и се укажува на вредноста на неплатениот женски труд. Во Собранието пратеничките треба да ги препознаваат родовите компоненти во буџетот и во таа смисла при разгледување на буџетските процеси треба да се земе предвид родовиот аспект“, истакна на работилницата г-ѓа Ѓулумсер Касапи, координаторка на Клубот на пратенички.

Пратеничката Лилјана Кузмановска потсети за искуствата кои датираат уште од 2009, кога на локално ниво за прв пат се започна со пилот-иницијативи за родово одговорно буџетирање и кога оваа тема сè уште била непозната. Таа нагласи дека е неопходна континуирана поддршка со цел унапредување на капацитетите и на централните институции и на локалните самоуправи за негова примена во сите секторски политики.

Под менторство на г-ѓа Неда Малеска-Сачмароска, експертка за родово одговорно буџетирање, пратеничките дискутираа за поврзување на процесот на креирање на политики и донесување на буџетите со надзорната функција на Собранието и кои се клучните родово специфични прашања кои пратеничките ги детектираат кога ги разгледуваат програмите и буџетите.

Превземено од Собрание.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *