СРЕДБА НА КОМИСИЈАТА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ И БУЏЕТ СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА И ЕКСПЕРТИ ВО ОБЛАСТА НА РЕВИЗИЈАТА ОД ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Кузмановска и членовите г. Реџаиљ Исмаили, г. Панче Иванов, г-ѓа Кети Смилеска, г. Неџбедин Каремани и г. Зоран Илиоски, одржаа средба со заменикот на главниот државен ревизор, г. Насер Адеми, претставници од Државниот завод за ревизија на Република Македонија, претставник на Делегацијата на Европската Унија, претставници од Државниот завод за ревизија на Република Хрватска и г. Дитмар Варих од Државниот заавод за ревизија на Република Германија.

На средбата се дискутираше за соработката помеѓу Собранието на Република Македонија и Државниот завод за ревизија по однос на разгледувањето на конечните ревизорски извештаи, како и за реализацијата на компонентата 4 на твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Државниот завод за ревизија за вршење на надворешна ревизија“, кој се реализира во соработка со Националниот завод за ревизија на Република Бугарија, како партнер, заедно со Државниот завод за ревизија на Република Хрватска, како помлад партнер.

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Кузмановска, им посака срдечно добредојде на гостите и истакна дека студиската посета на Државниот завод за ревизија на Република Хрватска е од особена важност за членовите на Комисијата за финансирање и буџет, бидејќи имаат можност да се запознаат со практики и искуства кои ќе им помогнат во спроведувањето на процесот на разгледување на конечните ревизорски извештаи во Собранието на Република Македонија.

Госпоѓа Кузмановска ги информираше гостите дека во Стратешкиот план на Собранието за периодот 2019-2021 година кој беше донесен на седница на Буџетскиот совет една од целите кои се зацртани е и разгледување на конечните ревизорски извештаи во рамки на Комисијата за финансирање и буџет или на поткомисија во рамки на Комисијата за финансирање и буџет. Во скоро време ќе се дополнат и надлежностите на Комисијата за финансирање и буџет утврдени во Одлуката за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија со надлежноста за разгледување на конечните ревизорски извештаи.

Свое обраќање на средбата имаа и пратениците Зоран Илиоски и Кети Смилеска; заменикот на главниот државен ревизор, г. Насер Адеми;  претставникот на Делегацијата на Европската Унија, г-ѓа Паулина Станоева; г-ѓа Цвета Ристовска, помошник на главниот државен ревизор и г-ѓа Недиљка Рогошиќ, помошник на главниот државен ревизор во Државниот завод за ревизија на Република Хрватска.

Господин Дитмар Варих ги запозна пратениците со начинот на разгледување на конечните ревизорски извештаи во Република Германија, правната рамка, известувањето на Парламентот, задачите на Заводот за ревизија, следењето на ревизорските извештаи, советодавната функција на Заводот за ревизија при подготвување на буџетот и ревизијата на работата на Заводот за ревизија.

На крајот на средбата претседателката Лилјана Кузмановска се заблагодари за присуството на сите присутни и на г. Варих за неговите излагања и презентации.

Превземено од Собрание.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *