СОБРАНИСКА ДЕЛЕГАЦИЈА НА ПС НА НАТО ВО ВАРШАВА

Пратениците Катерина Кузмановска, член и Африм Гаши, заменик-член на Делегацијата од Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на НАТО, учествуваа на  пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО, која се одржа од 25 до 28 мај 2018 година во Варшава, Република Полска.

На пролетната сесија, нашата делегација учествуваше на Политичкиот комитет, Комитетот за одбраната и безбедност и на пленарната сесија на ПС на НАТО.

На Комитетите, меѓу другото, беа разгледани Извештајот за безбедноста во Западен Балкан, како и Предлог-декларацијата за потврдување на единството и кредибилноста на НАТО за Бриселскиот самит.

На Политичкиот комитет се обрати членот на делегацијата, г-ѓа Катерина Кузмановска, која во својот говор упати пофалби и благодарност на известителот за безбедноста во Западен Балкан, г-ѓа Рајнел Андреучук од Канада, за еден прифатлив и прекрасен извештај за земјите кој се дел од Западниот Балкан. Пратеничката Кузмановска во својот говор се осврна на спроведувањето на реформите и процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан, кои не можат да продолжат без меѓународна поддршка и финансиска помош. Оттука, заедничката улога и напорите на НАТО и ЕУ може да им помогнат на земјите да покажат напредок во овие процеси. Исто така, на крајот на своето обраќање, пратеничката Кузмановска ја искористи приликата и упати покана до земјите учеснички на пролетната сесија на ПС на НАТО да земат учество на 98. Рос-Рот Семинар, кој ќе се одржи на 27-29 јуни 2018 година во Собранието на Република Македонија.

На пленарната сесија, свои пригодни обраќања имаа г. Паоло Али – претседател на ПС на НАТО; г. Марек Кучински – маршал на Сејмот на Република Полска; г. Станислав Карцевски – маршал на Сенатот  на Република Полска; г. Андреј Дуда – претседател на Република Полска; г. Матеус Моравиески – премиер на Република Полска, како и г. Јанс Столтенберг – генерален секретар на НАТО и претседател на Северноатлантскиот совет, кој во своето обраќање истакна дека НАТО е Алијанса на демократии, а во сржта на секоја демократија се парламентите. НАТО се заснова на темелните вредности на владеење на правото, индивидуалните права и слободи и демократијата.

Како поранешен парламентарец со 20-годишно парламентарно искуство, г. Столтенберг нагласи дека го сфаќа значењето на парламентите во демократиите и важноста на парламентите за одбранбени и безбедносни политиким, бидејќи парламентите се тие кои одлучуваат за насоките, рамката за секоја влада кога станува збор за безбедносната и надворешната политика, но исто така многу значаен е фактот што тие одлучуваат и за буџетот. НАТО и самиот тој како генерален секретар се целосно зависни од донесувањето на правилни одлуки од националните парламенти, така што овие пленарни сесии претставуваат добра можност пратениците да се сретнат и да разменат искуства кои потоа можат да ги пренесат во своите парламенти и да ја постават НАТО агендата високо на националната агенда и да ги имплементираат различните НАТО одлуки во своите национални парламенти.

Покрај предизвиците со отворените жаришта во светот и другите прашања во доменот на НАТО, г. Столтенберг наведе дека проектирањето на стабилност во Западен Балкан, заедно со партнерите, е меѓу највисоките приоритети на НАТО.  Североатлантската алијанса е најуспешната и најсилната алијанса во историјата поради две причини: прво, способноста за прилагодување и второ, способноста за обединување, покрај фактот што истата е составена од различни земји членки, заклучи Столтенберг.

На Пролетната сесија на ПС на НАТО учествуваа земјите членки на НАТО и земјите што претендираат да бидат дел од Алијансата во иднина.

Превземено од Собрание.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *