Средба на претседателот Џафери и делегацијата на собранието во ИПУ со Швајцарската делегација во ИПУ

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ИПУ, предводена од  г. Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија, во рамките на учеството на 138. Собрание на Интерпарламентарната унија во Женева, Швајцарска Конфедерација, имаше работен ручек со Швајцарската делегација во ИПУ, предводена од г. Андреа Корони, шеф на Делегацијата.

Повод за работниот ручек беше двете делегации меѓусебно да се информираат и да разменат информации за проектот за техничка парламентарна поддршка на Собранието на Република Македонија, финансиран од Швајцарската конфедерација и поддржан од Федералното Собрание на Швајцарија.

Шефот на Швајцарската делегација во ИПУ, г. Андреа Карони, истакна дека проектот има за цел да обезбеди техничка и институционална поддршка на Собранието на Република Македонија, во неговите напори за дополнително подобрување на внатрешното функционирање, надзорот и законодавните капацитети, како и унапредувањето на транспарентноста и отчетноста пред граѓаните. Успешната имплементација на Проектот, треба да придонесе за донесување на поквалитетни закони и за подобро користење на јавните ресурси, односно дополнително да ја зајакне улогата на Собранието во однос на извршната власт. Тој нагласи дека идејата за овој Проект потекнала токму од Швајцарската делегација во ИПУ.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, а воедно и шеф на Делегацијата во ИПУ, изрази уверување дека Проектот „Програма за поддршка на Парламентот“ ќе обезбеди поефикасно и инклузивно функционирање на Собранието на Република Македонија, односно целокупно институционално јакнење, унапредување на неговата законодавна и надзорна функција и овозможување соодветен пристап во работата на Собранието за граѓаните, преку зајакната транспарентност и отчетност. Тој се заблагодари за донацијата финансирана од швајцарските даночни обврзници и потенцираше дека целокупниот проект ќе го следи Управувачки совет и Советодавен одбор. Истакнувајќи дека согласно планираната динамика, подготвителната фаза на проектот ќе започне на 1 јули 2018 година, претседателот Џафери ги покани швајцарските колеги да го посетат Собранието на Република Македонија на тој ден и на лице место да се информираат за имплементацијата на истиот.

На работниот ручек соговорниците разменија мислења и за билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Швајцарската Конфедерација и се согласија и во иднина да одржуваат средби во рамките на собранијата на Интерпарламентарната унија.

Превземено од Собрание.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *