Обраќање на пратеникот Фаши на дебата на тема: „Парламетарно следење на целите за одржлив развој (ЦОР)“

На 138. Собрание на Интерпарламентарната унија (24-28 март 2018 година, Женева, Швајцарска конфедерација), на кое учествува Делегација на Собранието на Република Македонија предводена од  м-р Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија и шеф на Делегацијата во ИПУ, се продолжува со работа по точките од дневниот ред.

На седница на Постојаната комисија за прашања на Обединетите нации (Четврта комисија) учествуваше пратеникот г. Африм Гаши, кој имаше обраќање на дебатата на тема: „Парламетарно следење на Целите за одржлив развој (ЦОР)“.

Господинот Гаши посочи дека на глобално ниво се очекува Целите за одржлив развој да придонесат за постигнување вистински напредок за најсиромашните и најмаргинализирани лица, за унапредување на родовата еднаквост, елиминирање на дискриминацијата и нееднаквоста во приходите, намалување на негативните ефекти од климатските промени, обезбедување одржливост на ресурсите за идните генерации и слично. Тој информираше дека Република Македонија преку ЦОР сака да постигне напредок во евроатланските интегративни процеси, обезбедување на одржлив развој кој ќе овозможи континуиран економски раст, отворање нови работни места и зголемување на благосостојбата на граѓаните. Истовремено, тој изрази очекување дека со имплементирање на реформите на планот на доброто управување, владеењето на правото, пристапот до правда за сите, заштита на човековите права и слободи, изградба на независни институции во служба на граѓаните, преку зголемување на транспарентноста, отчетноста и професионалноста во нивното управување ќе се постигнат саканите резултати од имплементирање на Целите за одржлив развој.

Пратеникот г. Гаши укажа дека Собранието на Република Македонија го следи статусот на имплементацијата на Целите за одржлив развој и Агендата 2030 преку своите претставници и учеството во работата на Националниот совет за одржлив развој. Во ова советодавно тело, со кое претседава заменик претседател на Владата, покрај двајца пратеници, членуваат и повеќе ресорни министри, како и претставници на Стопанска комора на Македонија, на универзитетите, на  Македонската Академија на Науките и Уметностите и на невладиниот сектор. Истовремено, тој информираше дека во соработка со тимот на ОН во Република Македонија и Рамката за развојна соработка на Обединетите нации (УНДАФ) беше усвоен документот: “Партнерство за одржлив развој: Стратегија на ОН за Република Македонија за 2016-2020“.  Стратегијата, развиена во консултации со националните партнери, ги усогласува активностите на Обединетите нации со ЦОР на глобално ниво и со членството во Европската унија на регионално ниво. Договорени се пет приоритетни области за соработка: вработување, добро владеење, социјална вклученост, одржливост на животна средина и родова еднаквост.

Истакнувајќи дека во перидот што следи ќе се интензивираат активностите на Република Македонија за имплементација на Агендата 2030 и Целите за одржлив развој, г. Гаши посочи дека е потребно развивање на  буџетска рамка со цел да се надмине на јазот на финансирање, како и градење институционален капацитет за одржлив развој во сите засегнати и релевантни институции. Дополнително, неопходно е донесување на посебен Закон за одржлив развој, со оглед на тоа дека политиката на одржлив развов во земјата сè уште е регулирана со Законот за животна средина.

Интерпарламентарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација, во која членуваат 178 национални парламенти и 12 меѓународни парламентарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.

Превземено од Собрание.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *