Интерпарламентарна конференција на тема: Моќта на касата: буџетски овластувања и процедури на Европскиот парламент

Денеска, во Собранието на Република Македонија се одржува Интерпарламентарна конференција на тема: Моќта на касата: буџетски овластувања и процедури на Европскиот парламент.

Конференцијата е организирана од Групата за поддршка на демократијата и координација на избори (ДЕГ) во соработка со Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) и Буџетскиот комитет (БУДГ), заедно со пратеници од Парламентите на земјите кандидатки и Европскиот парламент.

Претседавач со Конференцијата е пратеникот и член на Комисијата за финансирање и буџет, г. Панче Иванов, кој на самиот почеток информира дека Собранието на Република Македонија по вторпат организира Интерпарламентарна конференција со Европскиот парламент, по онаа во 2013 година.

Воведни обраќања на Конференцијата имаа претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери и европратеникот г. Игор Шолтес, член на Комитетот за надворешни работи. Притоа, претседателот Џафери изрази убедување дека оваа Конференција ќе придонесе кон натамошното јакнење на демократскиот и парламентарниот капацитет на Собранието, а со тоа посредно и на демократските процеси во општеството и државата.

Европратениците и членови на Буџетскиот комитет, г. Џон Ховарт и г. Јан Олбрихт, говореа за Буџетот на ЕУ и улогата на Европскиот парламент во усвојување на истиот, како и за повеќегодишната финансиска рамка: од 2014-2020 до следната ПФР.

Притоа, беше истакнато дека долгорочните финансиски планови, односно Повеќегодишната финансиска рамка треба да понуди стабилна основа за спроведување на нејзините програми во период од најмалку пет години, а тековната е за периодот 2014 – 2020 година. Буџетот на ЕУ и натаму е само мал дел од вкупните јавни расходи во ЕУ, односно изнесува помалку од 1% од приходот на ЕУ и само околу 2% од јавните расходи на ЕУ. Тој удел е намален со текот на времето, со што се зголемува притисокот врз буџетот на ЕУ да биде поефикасен. Годинава, буџетот на ЕУ е утврден на 160,1 милијарда евра во обврски и 144,7 милијарди евра во средства за плаќање.

Европската Унија по „Брегзитот“ се соочува со нови предизвици, меѓу кои и распределбата на средствата и потребата за промена на структурата на нивната распределба, особено во делот на одбраната и безбедноста. Со здружување на средствата на европско ниво, земјите членки можат да постигнат повеќе отколку сами. Така 80% од буџетот на ЕУ се финансира од националните придонеси врз основа на ДДВ и БНД, но тој начин предизвикува земјите членки да се фокусираат на тоа колку даваат, а колку добиваат од него.

Во попладневната дискусија уште еден европратеник и член на Буџетскиот комитет, г. Андре Елисен, говореше за надзорот над спроведувањето на буџетот од страна на европратениците. Притоа, тој истакна дека се врши ревизија и во периодот од 1994 до 2015 година не е прифатен ниеден извештај, додека од 2016 година има ограничено одобрување.

Во продолжение европратеникот г. Ангел Џамбазки, кој е член на Комитетот за надворешни работи, се осврна на надзорот над имплементацијата на инструментите за надворешно финансирање. Тој информираше дека вкупно се девет надворешни инструменти, но од нив само пет се под надзор на АФЕТ, од кои се задржа на ИПА како најинтересна за нашата земја.

До крајот на Конференцијата стана збор за специјализираните канцеларии за буџет во националните парламенти како начин за обезбедување експертиза до пратениците. Своите искуства ги споделија г-ѓа Дениз О’Конел, заменик-директор од Канцеларија за буџет во Ирскиот парламент; д-р Фридрих Зиндерман, висок експерт од Канцеларија за буџет во Австрискиот парламент и г. Емил Атанасовски, директор за Западен Балкан од Вестминстер фондација за демократија, што наведе на потреба за нивно воведување во повеќе регионални национални парламенти.

Превземено од Собрание.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *