Собраниска делегација на зимската сесија на ПССЕ

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија, г. Бетиан Китев и заменик-членот г. Африм Гаши, учествуваат на редовната зимска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа која се одржува од 22 до 26 јануари 2018 година во Стразбур, Франција. Усвојувајќи го дневниот ред на отворањето на зимската сесија во 2018 година, Собранието одлучи да одржи итна дебата за израелско-палестинскиот мировен процес и улогата на Советот на Европа, како и дебата за турската воена интервенција во Сирија. Пратениците на Асамблејата на почетокот на сесијата го избраа Микеле Николети, пратеник од Италија и претседател на Политичката група на Социјалистите, демократите и зелените, за 31-виот претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, со мандат од една година и право на еден реизбор. Во своето инаугуративно обраќање пред пратениците, новоизбраниот претседател повика на зголемено единство на Советот на Европа како единствена европска институција која ги спојува 47-те земји членки околу вредностите на човековите права, демократијата, владеењето на правото и прифаќањето на Европскиот суд. Вториот ден од сесијата, Парламентарното собрание ги повика земјите членки на Советот на Европа да направат повеќе за да ги заштитат јазиците на малцинствата. Во резолуцијата и препораката заснована на извештајот на Роза Хофман, пратеник од Унгарија член на Групата на Европските народни партии, се наведува дека јазичната разновидност е дел од заедничкото европско културно наследство, а заштитата и поддршката за развојот на јазиците на малцинствата е фундаментална европска вредност. Собранието ги повика владите да преземат низа чекори за поддршка на оние кои говорат малцински или регионални јазици ширум Европа. Делегацијата на Собранието на Република Македонија, во текот на сесијата, одржа низа билатерални средби со членови на Делегациите од државите од регионот, со цел запознавање и усогласено делување за теми од заеднички интерес. Беше остварена и средба со известителите на Мониторинг комисијата задолжени за следењето на исполнувањето на обврските на Република Македонија преземени при приемот во Советот на Европа, г-ѓа Кристоферсен и г. Гилечи. На средбата, членовите на македононската делегација ги запознаа известителите за најновите случувања на политичката сцена во земјата, прашањето за името, односите со соседите, а се разговараше и за следната посета на известителите на Република Македонија за утврдување на фактичката состојба. Шефот на Делегацијата, г. Бетиан Китев, учествуваше и во работата на Ад хок комисијата за улогата и мисијата на Парламентарното собрание, каде се дискутираше за модалитетите за унапредувањето на функционирањето на Собранието, поголема вклученост на пратениците од националните делегации, улогата на политичките групи и комисиите во процесот на одлучување, како и постигнување на родова еднаквост. Превземено од Собрание.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *