Остварување на човековите права е процес кој бара континуирана работа

Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарно собрание на Советот на Европа и Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот како и пратениците г. Самка Ибраимоски и г. Амди Бајрам денеска во Собранието одржаа заеднички состанок со г. Нилс Мужниекс, комесар за човекови права на Советот на Европа, кој е во работна посета на Република Македонија. На почетокот на средбата, шефот на Делегацијата, г. Бетиан Китев во име на Делегацијата му се заблагодари на Комесарот за посветената работа на полето на заштитата на човековите права, демократијата и владеење на правото во сите четириесет и седум земји членки во изминатите шест години. Посочувајќи дека остварувањето на човековите права е процес кој бара континуирана работа воедно изрази и согласност со констатацијата на Комесарот дека секоја земја членка на Советот има своја домашна задача. Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, г. Фадил Зендели посочи дека Комисијата изминатиот период одржа и Јавна расправа на тема: Прашањето на ограничување на правото на слободно движење и дискриминацијата на граничните премини кон граѓаните од ромската етничка заедница на која беа усвоени заклучоци, препораки и испратени до сите институции, се со цел да допринесеме за подобар изглед на Македонија како заштитник на човековите права. Комесарот за човекови права на Советот на Европа, г. Нилс Мужниекс изрази задоволство од посетата, воедно ги поздрави реформските процеси во областите што се однесуваат на почитувањето на човековите права, како позитивен пример ја истакна ратификацијата на Истанбулската конвенција, предлог новите измени на законот за дискриминација, јакнење на механизмите на надзорната улога во полицијата како и улогата на народниот правобранител. Во текот на дебатата присутните разменија мислења и искуства на следниве теми: улогата на парламентот во промовирањето и заштитата на човековите права, предлог-законот против дискриминација, состојбата на меѓуетничките односи и социјалната кохезија во земјата, вклучувајќи ја и улогата на образованието, состојбата на ромската етничка заедница во Македонија како и Законот за амнестија. Исто така беше истакнато и дека Република Македонија досега потпишала или ратификувала сто темелни документи на Советот на Европа, а остварени се и значајни резултати во почитување на човековите права и слободи и воопшто во имплементација на принципите, целите и стандардите на Советот на Европа. Превземено од Собрание.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *