Средба на претседателот Џафери со г-ѓа Лаура Купер, в.д. заменик-помошник секретар за одбрана на САД

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со г-ѓа Лаура Купер, в.д. заменик – помошник секретар за одбрана на САД, која престојува во официјална посета на Република Македонија. На средбата присуствуваше и амбасадорот на САД во Република Македонија, г. Џес Бејли.

Претседателот на Собранието, на почетокот на средбата изрази голема благодарност за зголеменото внимание на САД на Балканот, што се манифестира со силна поддршка на НАТО-аспирациите на земјите од Западен Балкан.

Господин Џафери истакна дека Република Македонија уште на самиот почеток на нејзиното осамостојување се определи за НАТО и за САД како стратешки партнер. НАТО членството е врвен стратешки приоритет на сите влади досега, поддржан со континуиран широк политички консензус, како и граѓанска поддршка од високи 71%. Контрибуцијата на Република Македонија во мировните мисии на НАТО, особено во Авганистан, учеството во воено-едукативните активности заедно со припадниците на војската на САД, заокружувањето на 18.МАП (Годишна национална програма за членство во НАТО), исполнувањето на високите НАТО стандарди, релаксирањето на добрососедските односи и реформската агенда на новата Влада, се показател за посветеноста, континуитетот и ангажманот на Република Македонија да ја финализира „незавршената работа“ од Букурешкиот самит на НАТО во 2008 г. Во тој контекст, претседателот ја истакна поддршката дадена од генералниот секретар на НАТО, г. Столтенберг, за изборот на новата Влада и новото парламентарно мнозинство, како и поттикот за реформските процеси во општеството и на планот на забрзаната интеграција на државата во НАТО.

Во однос на придонесот на Собранието на Република Македонија во евроатланската интеграција на земјата, г. Џафери ги запозна соговорниците со идните активности во поглед на одржувањето на Рос-Рот семинарот на ПС на НАТО следната година во Скопје, како и за очекувањата Собранието на Република Македонија преку својата Делегација во ПС на НАТО да покаже зголемен ангажман и да ја врати значајната улога на Собранието на меѓународен план.

Госпоѓата Купер се заблагодари на овозможената средба и истакна дека особено ја цени можноста со собранискиот претседател да размени видувања за актуелните политички и меѓународни случувања. Притоа, ја подвлече натамошната поддршка на САД во исполнувањето на амбициозната реформска агенда на новата Влада, при што го спомена и јасниот став на американскиот потпретседател, г. Мајк Пенс, дека вратите на НАТО остануваат и натаму отворени за Република Македонија и укажа на тоа дека САД високо го цени континуираниот и долгогодишен ангажман на Република Македонија во мировната мисија во Авганистан. Таа изрази особено задоволство од мошне успешната соработка меѓу армиите на Република Македонија и САД, која се реализира низ импресивна бројка од 800 заеднички настани со учество на преку 7.000 офицери и службеници од ресорот одбрана.

Соговорниците споделија мислења и за новата Стратегија на САД за Авганистан и Јужна Азија, за одличната соработка со Националната гарда од Вермонт, како и Трилатералното партнерство Република Македонија – САД – Сенегал. Се дискутираше и за актуелната Конференција на Северноатлантскиот совет во Вашингтон, посветена на САД и Западниот Балкан, каде Република Македонија е спомената како мошне позитивен пример во регионот и како држава која одлучно и посветено ги исполнува високите НАТО критериуми за полноправно членство во Алијансата.

На средбата стана збор и за актуелните настани на домашната политичка сцена, при што се истакнаа заложбите за сите прашања од деликатна политичка природа да се изнајдат решенија во државнички дух, со што ќе се реафирмира демократскиот капацитет на државата и на носителите на трите највисоки државни функции.

Превземено од Собрание.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *